ПАТУВАЊЕ ВО НЕДОГЛЕД… Олга Наумовска
Кога зборовите патуваат кон тебе,
не одат по патишта од букви и хартија,
туку по скриени железници од копнеж,
каде срцето е локомотива што не познава станици.
Тие тргнуваат од мене како јато диви птици, разбудени од првата грмотевица на љубовта, и летаат низ небото на денот барајќи го прозорецот на твојата душа.
Твојот глас е како светилник изграден од топлина наместо од камен, а моите мисли се бродови што секоја ноќ се враќаат во неговото пристаниште.
Кога ќе ме погледнеш, телото се витка како жежок метал под чекан, а секундите стануваат искри што паѓаат врз нашите соништа.
Твојата насмевка не е насмевка — таа е раскошна градина од цвеќе во која секој цвет е нова причина да верувам дека светот сè уште умее да биде чудо.
А јас, јас сум патник со џебови полни од семето на твојата душа,
го носам како компас, како тајна карта на сите изгубени хоризонти.
Нашата љубов е река што не тече кон морето, туку кон бескрајот; река што ги носи мостовите со себе за секогаш да останеме поврзани.
И кога зборовите конечно ќе стигнат до тебе, изморени од долгото патување низ тишината, ќе застанат на твоите усни како снегулки врз разгорен оган, и ќе се претворат во проѕирен еликсир од копнеж .
Зашто вистинската љубов не 'рти во зборовите што ги кажуваме, туку во оние што патуваат меѓу две срца
и никогаш не пристигнуваат,
- засекогаш остануваат на пат.
С.Македонија🇲🇰

ليست هناك تعليقات
مرحبا بكم في الموقع الإعلامي للمنتدى الثقافي الدولي شكرا لتواصلكم معنا ولمشاركتكم الفاعلة
Welcome to the media site of the International Cultural Forum. Thank you for contacting us and for your active participation